15.10.2008 Државната комисија за спречување на корупцијата согласно својата надлежност утврдена во член 49 став 3 од Законот за спречување на корупцијата утврди свои предлози на работната верзија на Предлогот за донесување на Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со Предлог на закон и на 25.09.2008 година, ги достави до Министерството за правда со цел да придонесе за подобрување на изборната регулатива од антикорупциски аспект.Предлозите беа доставени и до мисијата на ОБСЕ за да се употребат во подготвувањето на Владиниот предлог на измените и дополнувањата на Изборниот законик кои Собранието на Република Македонија ќе ги разгледа и усвои во најкус рок.
Државната комисија за спречување на корупцијата согласно својата надлежност утврдена во став 3 од членот 49 од Законот за спречување на корупцијата (Сл.Весник 28/02; 46/04 и 126/06) го разгледа текстот на Предлогот за донесување на Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со Предлог на закон, и особено ценејќи ги предложените решенија од аспект на својата целосна надлежност, до Министерството за правда го даде следното мислење:
Согласно со своите надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата Државната комисија за спречување на корупцијата дава мислења во врска со законите од значење за спречување на корупцијата.
Спречувањето на корупцијата во политиката е една од надлежностите на Дрежавната комисија за спречување на корупцијата на која Комисијата и посветува особено внимание, имајќи предвид дека Законот за спречување на корупцијата и Изборниот законик содржат одредби што ја обврзуваат и на непосредно постапување.
Во целиот период на функционирање, Државната комисија со исклучителна посветеност ги остваруваше своите надлежности за спречување на корупцијата во политиката во сите изборни циклуси, притоа максимално остварувајќи ја својата превентивна улога и применувајќи ги процесните овластувања во поттикнувањето и на другите државни органи надлежни за спречување на корупцијата.
Оттаму Државната комисија во континуитет има увид и гради конзистентен став и во поглед на нормативните подобрувања што се однесуваат на функционирањето на политичките субјекти, особено за време на изборните циклуси, со фокусирање врз заштита на јавните фондови и добра од можни злоупотреби за партиски цели и од финансирање на изборите од сомнителни и неиндентификувани извори.
Од тие позиции Државната комисија учествува на повеќе стручни нивоа настојувајќи да даде свој придонес во јакнењето на нормативниот амбиент во земјава за подигање на стандардите и на ефикасноста во постапувањето на надлежните институции.
Во тој контекст, Државната комисија утврди Заклучоци и Препораки во 2006 и 2008 година и со нив партиципираше во работниот тим на ОБСЕ, а со посебно внимание го разгледа предложениот текст на измените и дополнувањата на Изборниот законик и констатира дека истиот значителено ја подобрува домашната изборна регулатива.
Навлегувајќи во суштината на предложените измени, имајќи ги предвид важечките норми од Закопнот за спрчување на корупцијата, релевантните антикорупциски стандарди како и практичните искуства во нивната примена, Државната комисија ги дава своите предлози и забелешки со цел да придонесе за подготовка и донесување на новините во Изборниот Законик:
Член 8 од Предлогот:
Во продолжение на зборовите: “Секретаријат за законодавство” да се додадат зборовите: “Државна комисија за спречување на корупцијата”
Образложение:
Државната комисија за спречување на корупцијата има Секретаријат чии вработени имаат својство на државни службеници и значителен број од нив, како членови, се веќе вклучени во изборните органи. Имајќи ја предвид надлежноста на Државната комисија во делот на спречувањето на корупцијата во политиката, што непосредно се однесува на следењето на изборните активности, неспоиво е државните службеници вработени во Секретаријатот, кој е стручна служба на Джавната комисија, да бидат вклучени во изборните органи.
Член 38 од Предлогот:
Во текстот на членот 38 се предлага и следното дополнување:
“Во ставот (4), зборовите:”добиени од правни или физички лица” се заменуваат со зборот: “наменети”.
Ставот (6) се менува и гласи:
(6) Жиро сметката од ставот (1) на овој член се затвора пред доставувањето на финансискиот извештај.
По ставот (6) се додава нов став (7) , кој гласи:
(7) Средствата од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на општините и градот Скопје, за секој добиен глас на изборите на организаторот на изборната кампања му се исплаќаат на редовната сметка.”
Образложение:
Партиите треба да може да ја финансираат својата кампања од сопствени средства со обврска средствата планирани за таа намена да ги префрлат на наменската изборна сметка, во максимален износ на законски утврдениот лимит ( како што се предлага во дополнувањето на членот 42 од Предлогот).
Фактот што партиите се обврзани да дадат финансиски извештај кој подлежи на контрола и врз кој се носи одлука за распределба на буџетските средства по изборите и што истиот се дава најдоцна по еден месец од верификација на мандатите, е аргумент зошто не треба наменската сметка за кампањата да остане отворена дополнителни два месеци. Аргумент е и фактот што средствата што ги добива партијата од Буџетот, зависно од изборниот успех, се нејзин редовен на закон заснован приход.
Член 40 од Предлогот:
Да се востанови обврска за доставување на ценовниците и до Државната комисија за спречување на корупцијата за што ставот (6) се предлага да гласи:
“(6) Радиодифузерите и печатените медиуми се должни ценовникот од став (5) на овој член да го достават до Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, а радиодифузерите и до Советот за радиодифузија.”
Образложение:
Предлогот произлегува од надлежноста на Државната комисија ефикасно и ажурно да постапува во утврдување на изворите на финансирање на изборните кампањи и во спречувањето на злоупотребите.
Член 41 од Предлогот:
Ставот (2) од предложениот член, по зборовите:”платен оглас” да се дополни со зборовите:” и да го направат достапен идентитетот на нарачателот.”
Образложение:
Во практичното постапување како сериозна правна празнина за примена на антикорупцискиот режим на законот се јавува неможноста за довивање податоци од медиумите кому, колкав и каков бонус му имаат дадено во медиумската кампања. Одлуката на Советот за радиодифузија за дозволен попуст различно се спроведува во одделни медиуми односно кон одделни организатори на изборната кампања и во недостиг на обврска да се легитимира нарачателот се овозможува неконтролирано финансирање од анонимни извори и истовремено се оневозможува увидот дали се спроведува нормата за давање еднаков попуст на сите организатори на кампањата во медиумите.
Воведувањето обврска за достапност до идентитетот на нарачателот го респектира деловниот интерес на медиумските субјекти кои во изборите сепак работат врз ексклузивен политички процес што е од особено значење за државата и оттаму произлегува обврската што се предлага.
Член 42 од Предлогот:
Предлогот за дополнување на ставот (1 ) да се прошири за уште две алинеи, алинеја (8) и алинеја (9) и тие да гласат:
“- средства од спонзорства,
- средства од позајмици, освен од финансиски институции.”
Во ставот (2) од истиот член, наместо предложеното дополнување, се предлага следното:
“- од средства од редовната сметка во рамките на законски дозволениот лимит.”
Образложение:
Овој предлог инсистира на ставање ред во изворите со кои се финансираат изборите со цел оние што оставаат простор за можни коруптивни зделки да бидат исклучени од финасирањето на изборите.
Член 43 од Предлогот:
Во текстот на предложениот член 83-а, во став (4) , по зборовите:”понудат еднакви” се додаваат зборовите:”услови и”
Текстот на предложениот член 83-б да се дополни со став (3) кој треба да гласи:
“(3) Податоците од Регистарот на донации се прикажуваат во финансискиот извештај.”
Член 44 од Предлогот:
Членот 44 од Предлогот да се брише.
Образложение:
Отсуствува образложение и издржана аргументација за ваквиот драстичен предлог кој е контрадикторен со сите досегашни оценки дека изборите чинат прескапо и дека тие трошења веќе се контрапродуктивни кон граѓаните.
Член 46 од Предлогот:
Текстот на предложениот став (2) да се дополни со текст кој треба да гласи: “ кој треба да содржи приказ на средствата по извори, видови, основи, намени и износи.”
Образложение:
Законот не е доволно прецизен за битните показатели што тереба да ги содржи финасискиот извештај за да може да се спроведе веќе утврдениот законскиот режим за транспарентно финасирање на изборите, за спречување на користењето недозволени средства и контрола врз прекршувањата на изборната и антикорупциската регулатива.
Предложениот став (6) според кој ставот (7) од постојниот закон станува став (6) со нова содржина, се предлага да гласи: “(6) Државниот завод за ревизија доколку утврди неправилности во финасискиот изввештај на организаторот на изборната кампања ќе ги извести надлежните органи заради поведување соодветна постапка.”
Образложение:
Имајќи го предвид фактот дека Државниот завод за ревизија согласно законот нема процесни надлежности (што е добро зошто ревизијата стручно и немо констатирајќи ги фактите е сигурна основа за работа на процесно надлежните органи) се предлага со своите наоди да им овозможи надлежно постапување на репресивните органи. Овој предлог, за улогата на ревизијата, е синхронизиран на ниво на превенција од незаконито користење на државните средства како и давање квалификувана стручна логистика на надлежните процесно репресивни органи.
Предлог за дополнување на член 85 од Изборниот законик:
Во член 85, по став (3) да се додаде нов став (4) кој гласи:
“(4) Државниот завод за ревизија е должен да изврши ревизија на финансискиот извештај и да го достави ревизискиот извештај до Државната изборна комисија пред донесување на извештајот за спроведување на изборите.”
Ставовите (4), (5), (6) и (7) стануваат ставови (5), (6), (7) и (8).
Образложение:
Ревизорската контрола на финасискиот извештај ја добива вистинската смисла доколку утврдените неправилности придонесат директно за оневозможување буџетски средства по основ на освоени гласови во изборите да се исплатат и на оние субјекти што ги прекршиле постојните норми според кои на прекршителите не им следуваат буџетски средства. Особено значен аспект на овој предлог е што се спречува буџетски пари да се исплатат, а подоцна (кога ќе се направи редовна ревизија) да се открие дека тоа не требало да се стори доколку неправилностите се идентификувале навреме, односно пред донесување на собраниската одлука за распределба на буџетските средства.
Член 48 од Предлогот:
Членот 48 од предлогот да се брише.
Образложение:
Постојниот став (2) од членот 87 има длабока смисла во потребата за подобрување на изборната регулатива што значи изборите да бидат исчистени од прекршувања на правилата за нив, да бидат заштитени од користењето валкани средства и методи и го јакне принципот на одговорност за стореното. Предложената измена е спротивна на антикорупциската политика и не корелира со веќе утврдените нормативи на тој план во Законот за спречување на корупцијата за чие спроведување во практиката контрапродуктивен е пристапот на линија на помал отпор за каков може да се смета даденото образложение за измената што се бара во предлогот.
Препорака за казнените одредби
Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно усвоените Препораки во врска со потребата од измени во изборната регулатива, а имајќи го предвид фактот дека во текстот на Предлогот за донесување на Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик не е предложена интервенција во казнените мерки од аспект на нивно заостување, особено во оваа прилика, уште еднаш ја потенцира потребата од заострување на казнените мерки за кршењето на изборната регулативa.
|