|
Формирање на Државната комисија за спречување на корупцијата
Државната комисија за спречување на корупцијата во Република Македонија е формирана врз основа за Законот за спречување на корупцијата, донесен во април 2002 година (,,Службен весник на РМ”, бр. 28/02 година), кој е изменет и дополнет со Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата од 2004 година (“Службен Весник на РМ” бр. 46/04) и Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата од 2006 година (“Службен Весник на РМ’’ бр. 126/06).
Согласно членот 1 од Законот, Државната комисија се конституира како независна со надлеженост да ги применува утврдените мерки и активности за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето на работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавни овластувања како и мерките и активностите за спречување на корупцијата во трговските друштва.
Државната комисија е конституирана на 12 ноември 2002 година, кога Собранието на Република Македонија ги именуваше нејзините членови.
Статус на Државната комисија и членовите
Согласно со членот 50 од Законот, Државната комисија е самостојна и независна во извршувањето на нејзините законски надлежности и има својство на правно лице. Тоа значи и формирање на сопствен Секретаријат како стручна служба и самостоен буџет, односно раздел во Буџетот на РМ.
Иако формално со именувањето на членовите, Државната комисија е формирана од Собранието, таа не е собраниско тело, ниту пак претставува орган на Владата.
За својата работа членовите на Државната комисија одговараат пред Собранието на Република Македонија.
Членовите на Државната комисијата, врз основа на конкурс, се именуваат од редот на истакнати стручњаци од областа на правото и економијата, кои уживаат углед за вршење на функцијата. Постојниот состав има мандат од 5 години без право на реизбор, а мандатот на претседателот, кој се избира од составот на избраните членови на Комисијата е една година.
Членовите на Државната комисијата имаат статус на именувани лица, кои функцијата за која се именувани ја остваруваат паралелно со своите редовни работни обврски на работните места на кои биле вработени и пред именувањето, односно немаат професионален статус на вработени во Државната комисијата.
Начин на работа на Државната комисија
Согласно Деловникот за работа, Државната комисија работи на седници, кои се одржуваат најмалку еднаш неделно.
Комисијата може да работи и одлучува ако присуствува мнозинството од членовите, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
Претседателот, кој се избира со мнозинство гласови од вкупниот број членови, ја претставува Комисијата; претседава со седниците; обезбедува законито работење на Комисијата; го спроведува Деловникот за работа.
Членот на Комисијата учествува во работата и одлучувањето по прашања што се ставени на дневен ред на седница на Комисијата и постапува по нејзините заклучоци; дава иницијатативи, предлози и мислења од надлежност на Комисијата.
Во случај на конфликт на интереси, членот на Државната комисија е должен за тоа да ја извести Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.
Надлежност на Државната комисија
Законот за спречување на корупцијата ги утврдува надлежностите на Државната комисија, а тие се:
• донесува Државна програма за превенција и репресија на корупцијата;
• донесува Годишни програми и планови за остварување на државната програма;
• дава мислења за предлози на закони од значење за спречување на корупцијата;
• покренува иницијатива пред надлежните органи за контрола на финансиско-материјалното работење на политичките партии, синдикатот и здруженијата на граѓани и фондации;
• покренува иницијатива за поведување постапка пред надлежен орган за разрешување, распоредување, сменување, казнено гонење или примена на други мерки на одговорност на избрани или именувани функционери, службени лица или одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал;
• разгледува случаи на судир на општиот и личниот интерес, определени со закон;
• ја евидентира и следи имотната состојба и промената на имотната состојба на избраните и именуваните функционери, службени лица и одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал, на начин утврден со овој закон;
• донесува Деловник за работа;
• поднесува Годишен извештај за својата работа и за преземените мерки и активности до Собранието на Република Македонија, а го доставува до Претседателот на Републиката, Владата на Република Македонија и средствата за јавно информирање;
• соработува со други државни органи во спречување на корупцијата;
• соработува со соодветни национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на спречувањето на корупцијата;
• презема активности на планот на едукацијата на органите надлежни за откривање и гонење на корупцијата и другите видови на криминал;
• донесува акти за внатрешна организација и ситематизација на работните места во Секретаријатот;
• врши и други работи определени со овој закон.
Вршење на стручните и административни работи
Согласно измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата, изменетиот статус на Државната комисија донесе и измена на статусот на вршењето на стручните и административни работи. Според измените, Државната комисија формира Секретаријат како стручна служба, со вработени кои имаат статус на државни службеници и Генерален секретар што ќе го раководи Секретаријатот.
Информирање на јавноста
Државната комисија ја известува јавноста за преземените мерки и активности и за нивните резултати преку редовни годишни извештаи или кога ќе оцени дека тоа е неопходно за информирање на јавноста, на начин што го определува во зависност од карактерот на прашањата за кои одлучува Комисијата.
|