29.01.2010 Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи по предмет оформен по претставка, во која се укажува на повреда на одредбите од Законот за градење при заверка на Основен проект на затекната состојба на градба лоцирана во Неготино, по разгледување на документацијата со која располага, како и на околностите на целиот случај, донесе заклучок, согласно со член 49 став 1 алинеа 6 од Законот за спречување на корупцијата, до Јавното обвинителство на Република Македонија и до Основното јавно обвинителство Кавадарци да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешниот градоначалник на општина Неготино и на службени лица од секторот за урбанизам на истата општина, бидејќи постои основа за сомневање дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.
Поранешниот градоначалник на општината и службените лица од секторот за урбанизам на истата општина ја искористиле својата службена положба и овластување на начин што спротивно на член 65 од Законот за градење ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.51/05 ), во текот на декември 2006 година, повикувајќи се на природна непогода-поплава случена во 1995 година, извршиле заверка на Основен проект за обновување на деловен објект. Со тоа им овозможиле на инвеститорите противправно, без спроведување на управна постапка и без издавање на одобрение за градба, да извршат реконструкција и надградба на деловен објект, лоциран во Неготино на КП.бр.7414 за КО Неготино, која заедно со КП.бр.7418 за КО Неготино, според ДУП за локалитетот „Градски пазар“-Неготино, претставува една градежна парцела, со што на сопственикот на КП.бр.7418 му е нанесена штета.
|