03.06.2013 Во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата се одржа средба на претседателот на ДКСК, д-р Ѓорги Сламков со г-дин Маркус Ролофс, раководител на Одделот за човекова димензија на Мисијата на ОБСЕ. На состанокот беше разговарано за состојбите со корупцијата и за начините за справување со ова општествено зло. Г-нот Ролофс се интересираше за улогата, надлежностите и постапувањето на ДКСК. При тоа го истакна значењето на ДКСК како институција што ги спроведува законите но и што ја јакне јавната свест за корупцијата и нејзините последици. Д-р Сламков ја објасни позицијата на ДКСК и потребата од координираност и зајакната соработка меѓу надлежните тела за борба против корупцијата, како и потребата на засилени активности за превенција преку различни форми вклучувајќи и кампањи, обуки и сл. Беше разговарано и за тековниот проект на ДКСК и ОБСЕ „Промовирање на принципите на доброто владеење во спроведувањето на антикорупциската политика“, за фазите на неговата имплементација и идните активности. При тоа беше констатирано дека оваа проектна соработка се докажува како успешна и дека во иднина ќе продолжи со несмален интензитет и можност за изнаоѓање на нови проектни компоненти. Во рамките на проектот, веќе е закажана тркалезна маса за Политичкиот сектор од Акциониот план на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и превенција и намалување на појавата на судир на интереси 2011-2015, со претставници на институциите и организациите вклучени во изготвувањето и следењето на активностите од овој сектор, како и други експерти од оваа област.
|