Skip to content

Државна Комисија за Спречување на Корупција Државна Комисија за Спречување на Корупција Државна Комисија за Спречување на Корупција

Интервју Испечати Е-пошта

konferencijathumb

02.09.2013

Корупцијата има далекусежни штетни последици, борбата е траен процес

Во интервју за Курир, претседателот говори за обврската на функционерите да пополнат анкетен лист, за политичарите кои не сакаат да ја објават својата имотна состојба, политичките партии и средствата кои ги трошат во кампања и за важноста на борбата против корупцијата.

По професија е правник, а четири месеци е на чело на Аникорупциска комисија. Професор доктор Ѓорги Сламков, поранешен декан на Правниот факултет при ЕУРМ, ја презеде во свои раце борбата против корупцијата во земјава.

 Курир:Како ја доживувате новата позиција?

Сламков: Да се биде член, а уште повеќе претседател, на Државната комисија за спречување на корупција е исклучиво одговорна работа која бара многу енергија, време и сериозен пристап во реализацијата на надлежностите утврдени во Законот за спречување на корупција, Законот за спречување судир на интереси, како и Законот за лобирање. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека постои голема разлика во перцепцијата за Државната Комисија кога си од надвор и ја цениш ДКСК според поднесените кривични иницијативи, и кога си внатре и се соочуваш со море од  законски активности, а во нив поднесувањето на кривична иницијатива е само еден сегмент. Суштински кажано самиот назив – Државна комисија за спречување на корупција, укажува дека во преден план е ставена превенцијата односно создавање на збир од активности и мерки за анулирање на сите потенцијални ризици за коруптивно однесување. Се разбира присутни се и елементи на репресија но тие се во спој со превентивните бидејќи земени во целина со принципот на правда ја градат суштината на нашата казнена политика.    

Курир:Претседателе, носителите на јавни функции во законодавната, извршната и судската власт  се должни да пополнат и поднесат анкетни листови за својата имотна состојба. Како се одвива тој процес? Се обиде ли некој да избегне да каже што поседува?

Сламков:Согласно Законот за спречување на корупцијата ДКСК ја евидентира и следи имотната состојба и промените на имотната состојба на избраните и именуваните функционери и одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал. Тоа значи дека секој избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.  Оваа обврска ја имаат и во случај на зголемување на имотната состојба во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати, како и по престанувањето на функцијата.  Во првиот квартал на 2013 година поради неподнесување на анкетен лист или непотполни податоци во истиот од ДКСК е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка против 15 градоначалници, проследено со барање до УЈП за испитување на имотната состојба. По завршувањето на локалните избори се создаде зголемен обем на работа во делот на анкетните листови така до месец јули 2013 година до ДКСК поднесени се вкупно 1707 анкетни листови од избрани и именувани функционери што воглавно  произлегува од спроведените локални избори. Во јавноста можеа да се слушнат забелешки токму по прашањето на анкетните листови – нивното навремено објавување, но ДКСК со максимално искористување на своите скромни ресурси навремено ја исполни својата законска обврска, т.е., внес на податоците во базата и нивно објавување на WEB страницата. Во периодот што следи ДКСК ќе пристапи кон системска проверка  на податоците од поднесените анкетни листови со податоците од надлежните институции, за лицата што имале обврска тоа да го сторат во определениот рок (како од локалната власт, така и од законодавната, судската и извршната власт), по што доколку се утврдат прекршувања на законот ќе се пристапи кон поднесување на прекршочни пријави до надлежниот суд, како и барање до УЈП за испитување на имотната состојба. Лицата што воопшто не поднеле анкетен лист не ги ни спомнувам бидејќи за нив по автоматизам ќе се применат законските норми. Би додал дека по завршувањето на локалните избори до ДКСК анкетен лист за избор доставиле вкупно 80 градоначалници, т.е., анкетен лист не доставил еден градоначалник (градоначалникот на општина Шуто Оризари), за што ќе бидат преземени законски дејствија.

Курир: Носителите на јавни функции имаат обврска и за поднесување на Изјава за интереси. Дали ја почитуваат и што преземате по тоа?

Сламков: Носителите на јавни функции имаат обврска да поднесат не само анкетен лист туку и изјава за интереси, и тоа е во законски рок. Неподнесувањето на изјавата за интереси повлекува поднесување барање за поведување на прекршочна постапка со парична казна – до 3.000 евра.  Во изминатите четири месеци до ДКСК од страна на  службените лица кои изјавите за интереси ги доставуваат до Државната комисија поднесени се вкупно  994 изјави за интереси, најголем дел се од службени лица на органите на локалната самоуправа. И покрај тоа што бројот е релативно голем сепак сметам дека одреден процент од новоизбраните советници ја немаат исполнето законската обврска и за сите нив ќе следи барање за поведување на прекршочна постапка. Од друга страна, од оние што поднеле Изјави за интереси, кај 160 носители на јавни функции е утврдено дека се наоѓаат во состојба на судир на интереси (кумулација на функции или повреда на член 9 и 20 од Законот за спречување судир на интереси) отворени се предмети, даден им  е рок да излезат од судирот и во 55 предмети судирот е надминат, во останатите постапката е во тек. Во истиот период изречени се вкупно 9 јавни опомени на службени лица поради непостапување по укажувањата  на ДКСК, воглавно за советници во советите на општините и еден пратеник во Собранието на Република Македонија.  ДКСК согласно ЗССИ спроведува системска проверка на изјавите за интереси, така, како резултат на  утврдениот План и динамика за проверка на содржините на изјавите за интереси  кој се однесува на  2013 година, во вториот квартал од годината (период април - јуни 2013)  извршена е проверка на содржината на  изјавите за интереси на  службените лица - судии од Апелационите судски подрачја  на територијата на Република Македонија, поточно на изјавите за интереси на судиите од Апелациониот суд Скопје, Апелациониот суд Гостивар, Апелациониот суд Битола и  Апелациониот суд Штип.  Од извршената проверка ДКСК констатира дека вкупно 18 службени лица -судии, предмет на проверка, не ја исполниле својата обврска и до ДКСК не доставиле изјави за интереси поради што во тек е постапка за поднесување на барања за поведување на прекршочни постапки против истите, до надлежен суд. Станува збор за 9 судии од Апелациониот суд Скопје, 3 судии од Апелациониот суд Гостивар, 3 судии од Апелациониот суд Битола и  3 судии од Апелациониот суд Штип. Што се однесува на системската проверка на изјавите за интереси која се спроведува во текот на 2013 година, во вториот квартал од 2013 година се поднесени вкупно 11 прекршочни пријави против службените лица чии изјави за интереси беа предмет на проверка во првиот квартал од годината. Прекршочните пријави се поднесени согласно со член 31-а став 3 од Законот за спречување судир на интереси поради неисполнување на обврската за поднесување изјави за интереси до ДКСК и истите се однесуваат на  1 судија од Врховниот суд на РМ, 8 судии од Управниот суд на РМ и 2 судии од Вишиот управен суд на РМ.Курир:Изборната кампања е под будно око на Антикорупциска. Политичките партии се должни да поднесат Извештај, но не секој ги почитува законите. Колку партии “должат“ отчет и како постапувате со оние кои го игнорираат важиот апел по кампања?

Сламков: Согласно Изборниот законик организаторите на изборната кампања се обврзани во законски рок да достават два периодични и вкупен финансиски извештај до Државната комисија за спречување на корупција, ДИК и ДЗР. ДКСК има обврска таквите извештаи да ги стави на веб страница, надлежен орган за финансиска ревизија на извештаите е ДЗР.  Од друга страна ДКСК како институција е надлежна да поведе постапка кон сите организатори на изборна кампања што не поднеле финансиски извештај, во таа смисла во врска со локалните избори, согласно со членот 85 од Изборниот законик, во законски утврдениот рок до ДКСК вкупен финансиски извештај за приходите и расходите на наменската жиро -сметка за изборната кампања на локалните избори 2013 година доставиле вкупно 79 организатори на изборната кампања – коалиции, политички партии и група избирачи. Од друга страна, постапувајќи согласно со членот 178-а од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата со организаторите  на изборна кампања  кои не поднеле финансиски извештај - вкупно 45,  ќе спроведе постапка за порамнување пред поднесување барање за поведување  прекршочна постапка пред надлежниот суд. За таа цел ДКСК ги преземе сите потребни формално-правни дејствија со што ќе ја отпочнеме постапката за порамнување, инаку законската казна за овој прекршок е од 4.000 до 5.000 евра за организаторот на кампањата.  Кога сме веќе на тема за изборите би требало да истакнам уште неколку податоци за работата на ДКСК, иако во тој период не бев член на Државната комисија. Имено, Државната комисија за спречување на корупцијата во периодот од јануари-мај 2013 година, постапила по вкупно  2615  изборни предмети. Заклучно со мај 2013 година, ДКСК одговори на сите поднесени барања мислења и го проверуваше почитувањето на даденото мислење од страна на институциите - баратели. Генерална оценка е дека мислењата на ДКСК речиси без исклучок се почитувани и спроведени. Мислења беа барани и од Владата на Република Македонија и министерствата за одлуки од нивна надлежност, а кои задираа во располагањето со буџетските средства и јавните добра. ДКСК стриктно ја контролираше секоја постапка за јавна набавка од аспект на режимот што произлегува од Законот, а тоа значи дали набавката е планирана во Планот за тековната година и дали има планирани и обезбедени  буџетски средства за тоа, а предмет на проверка беше и фактот дали времето на реализација на јавната набавка се совпаѓа со планираното. Накратко кажано барањата за мислење воглавно се однесуваа на член 11 од Законот за спречување на корупција.

Курир:Европската Комисија, меѓу другото, од Македонија бара намалување на корупцијата. Претседателе, колку успевате да ја спречите корупцијата во земјава? Во кои професии има најмногу корупција?

Сламков: Корупцијата е појава присутна во сите држави во светот без оглед на степенот на нивниот   општествен и политички развој. Речиси е невозможно да се утврди нејзината вистинската распространетост во светот затоа што не постојат сигурни податоци за тоа, односно станува збор за криминалитет со висока темна бројка. Проблемите околу нејзиното откривање и докажување настануваат поради фактот што најчесто како извршители на коруптивните дела се јавуваат лица на одговорни работни места, пред се во државни органи, јавни служби и други јавни институции и установи, кои решаваат за одредени права и должности на граѓаните и правните лица. Проблемот со корупцијата е сериозно присутен и во земјите членки на ЕУ, имено, од 2013 година е воведено изготвување и објавување на Антикорупциски Извештај на ЕУ, со кој ќе се оценува ефикасноста во справувањето со корупцијата кај секоја држава – членка, ќе се потенцираат новите трендови, примери со добра пракса, но и слабости. Како централни подрачја за испитување на степенот на корупција се определени следните: постапување на правосудни и полициски органи, финансиски истраги, заштита на соработници, јавни набавки, сметководство, ревизија и финансирање на политички партии.  Државната Комисија работи по стратешки документ – Државна програма за превенција и репресија на корупцијата и превенција и намалување на појавата на судир на интереси за периодот 2011 – 2015 година (се разбира овде се мисли и на трите носечки закони). Во Програмата се предвидени 11 (единаесет) сектори за постапување и тоа: Политички сектор, Правосудство, Јавна администрација, Органи за спроведување на законот, Царина, Локална самоуправа, Јавен сектор, Приватен сектор, Здравство, труд и социјална политика, Образование и спорт и Медиуми и граѓанско општество.  Во секој од овие сектори имаме утврдени проблеми или ризик фактор по кои се дефинирани активности за нивно надминување, со рок на реализација и индикатори за активност и ефективност. Смислата на самата програма е да го минимизираме присуството на детектираните фактори за корупција во секој од опфатените сектори. Ова го наметна меѓуинституционалниот пристап за кој сметам дека солидно функционира.  Програмата е флексибилна што значи доколку во стварноста се наметнат проблеми кои првично не биле опфатени ние веднаш можеме да ги инкорпорираме и да бараме соодветни активности за надминување на утврдените проблеми.  Кога ме прашувате во кои професии има најмногу корупција би Ви одговорил дека нема професија што не би била подложна на корупција. Се зависи од менталниот склоп на единката од нејзиниот поглед кон светот, имено, професиите што ги има кај нас ги има и во Норвешка, Данска, Шведска. Значи не е проблемот во професиите туку во нашиот пристап кон нив, затоа сметам дека кај нас е потребна поширока општествена акција на превентивни и репресивни елементи. Преку превенцијата ќе треба да ги вградиме во свеста на луѓето далекусежните штетни последици од корупцијата, уште од најмали нозе (би спомнал дека во моментов привршуваме со проект за едукација на учениците од основните училишта за штетноста од корупцијата во соработка со МОН, граѓанската организација Центар за граѓански комуникации, Амбасадата на Кралството Норвешка). Втората страна на медалот е репресија или ефективно казнување, но кај коруптивните дела целата не е криминалецот да го ставиме во затвор, туку конфискација – пред се проширена конфискација, затоа апелирам до судовите овој институт да има што почеста примена во нашата судска пракса, бидејќи ништо не може да доведе до генерално-специјално-превентивен момент како што тоа може да го направи конфискацијата, се разбира за овие дела.     

Курир:Со кого најмногу соработувате за остварување на поставените цели?

Сламков: ДКСК има воспоставено одлична соработка со повеќе меѓународни организации – OSCE, UNDP, Конрад Аденауер, се разбира ЕУ, и други субјекти кои во ДКСК гледаат респектабилен партнер кој сериозно е посветен на својата мисија – градење на политики и мерки за спречување, но и за репресија на корупцијата.  На  домашен терен имаме одлични релации со сите институции, кои сепак законски се обврзани да постапуваат по наши барања. Со десетина од нив, оние што се најблиску до нашиот предмет на работа имаме потпишано Протокол за соработка, потоа имаме Меморандум за соработка со 21 (дваесетиедна) граѓанска организација, како и Меморандум за соработка со повеќе бизнис организации во Република Македонија. Сепак најзначаен партнер на Државната комисија за спречување на корупцијата во исполнувањето на нејзината цел е граѓанинот. ДКСК како тело има седум членови и 17 вработени во Секретаријатот, ние работиме но во секоја точка и во секое време не можеме да бидеме присутни, но тоа го можат граѓаните и ние како Државна Комисија секоја нивна претставка ја разгледуваме до најситен детал како би нашле „барем грам“   незаконитост во постапувањето на оние кои имаат јавни овластувања и одлучуваат за правата на другите. За на крај би истакнал борбата против корупцијата е траен процес кај го бара ангажманот на целото општество бидејќи корупцијата има далекусежни штетни последици, можеби не се забележуваат во моментот но со текот на годините го разорува општественото ткиво, се создава правна несигурност, човековите слободи и права се само зборови напишани на хартија, во такви општества никој не сака да го вложи својот капитал, или накратко корупцијата е противник на општествениот развој.

 

 
< Претходно   Следно >

Образец Анкетен Лист

Анкетен Лист

Образец за пријавување на промени на имотната состојба

Образец Изјава за интереси

Податоци за имотна состојба на функционерите

untitled-2

ИПА 2010 - Твининг Проект

poster

Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

Апликација - Државна Програнма 2011-2015

Влез во Апликација

Промовирање на транспаретноста и отченоста во јавните институции

sl_kniga

Апликација - Регистар на избрани и именувани лица

Регистар на избрани и именувани лица

Податоци за избрани и именувани лица

Регистар на избрани и именувани лица

ДКСК

ИСО 9001:2008

  Прирачник за Интегритет и Судир на интереси
 

Обратете се до Комисијата

Обратете се до комисијата
Advertisement

Прирачник за Интегритет и Судир на интереси

  Прирачник за Интегритет и Судир на интереси
 
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
undp_logo