21.10.2009 Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи по предмет оформен по претставка, во која се укажува на повреда на одредбите од Законот за денационализација и одредите од Законот за општата управна постапка во постапката за издавање на одобрение за градба на административно-деловен објект „Јадран“ на ул.„Максим Горги“ б.б. Скопје на инвеститорот „Македонски телекомуникации“ АД Скопје, по разгледување на документацијата со која располага, како и на околностите на целиот случај, на ден 12.04.2009 година донесе заклучок, согласно со член 49 став 1 алинеа 6 од Законот за спречување на корупцијата, до Јавното обвинителство на Република Македонија и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службени лица од Министерството за транспорт и врски-Подрачна единица Центар Скопје, бидејќи постои основа за сомневање дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.
Службените лица ја искористиле својата службена положба и овластување на начин што спротивно на одредбите од Законот за денационализација, на инвеститорот „Македонски телекомуникации“ АД Скопје, како и спротивно на рокот за обезбедување на одобрение за градба, (утврден во решението за доделување на градежно земјиште на користење со непосредна спогодба), му издале одобрение за градба на градежно неизградено земјиште предмет на денационализација, а за изградба на административно-деловен објект „Јадран“ на ул.„Максим Горги“ б.б. Скопје.
Истите не ја извршиле својата службена должност, на начин што, во предметот заведен по барање на инвеститорот „Македонски телекомуникации“ АД Скопје за издавање на одобрение за градба, по донесување на Заклучок, со кој е усвоено барањето за повторување на постапката и е одложено извршувањето на одобрението за градба се до донесување на одлука во повторената постапка, не спровеле повторна постапка за издавање на одобрение за градба, не донеле конкретен управен акт, ниту пак превзеле дејствија во насока на санкционирање на продолжување на бесправното градењето на административно-деловниот објект.
Со тоа му овозможиле на инвеститорот, спротивно на законските прописи да го изгради административно-деловниот објект, како и да го користи истиот без одобрение за употреба, а со тоа и да се стекне со противправна корист.
|
|
21.10.2009 Врз основа на член 49 став 1 алинеа 6 од Законот за спречување на корупцијата (,,Сл.Весник на Р.Македонија,, бр. 28/02, 46/04, 126/06, 10/08 и 161/08) , постапувајки по предмет оформен врз основа на Конечниот извештај бр. 1403-135/9 од 20.02.2007 година на Државниот завод за ревизија за извршена ревизија на финансиските извештаи на органот на Општина Струмица за 2005 година, Државната комисија за спречување на корупцијата, на седницата одржана на ден 09.10.2009 год., донесе заклучок до Јавното обвинителство да достави : Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на одговорни службени лица во Општината Струмица бидејки постои основано сомневање дека во првото тромесечие на 2005 година, во коe се одржани локални избори, за членови на советите на општините и Советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, е сторено кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот Законик на Република Македонија
- затоа што во вршењето на работите од јавен интерес од локално значење и покрај тоа што во Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на општина Струмица за 2005 година не било предвидено рачистување на имотно правни односи за ул. Крушевска Република извршиле измена на Програмата со цел да се реализира Спогодба за регулирање на надоместок за деловна зграда „Кожара„ како предмет на експропријација за реализација на урбанистичкиот план на град Струмица со ДГТУ „ ДЕ-ЛУКС Инжинеринг„ ДОО Струмица, на вкупен износ од 13.322.000,00 денари и
- затоа што при застапувањето и претставувањето на општината, при располагањето со средствата на општината и при спроведувањето на постапките за јавни набавки не обезбедиле правилно и законито користење и заштита на средствата сопственост на општината и притоа за себе или за друг прибавиле имотна корист .
Иницијативата се однесува на постапувањето на двајца градоначалници и Советот на општина Струмица.
|
|
21.01.2009 Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи по предмет оформен по претставка, во врска со оглас за пополнување на работно место „наставник во одделенска настава“ на определено работно време, објавен на 16.01.2007 година и исправка од 19.01.2007 година во дневниот весник „Нова Македонија“,по разгледување на документацијата со која располага, на ден 08.02.2009 година донесе заклучок, согласно со член 49 став 1 алинеа 6 од Законот за спречување на корупцијата, до Јавното обвинителство на Република Македонија и до Основното јавно обвинителство Кавадарци да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на Зора Јосифова, поранешен директор на Основното училиште „Димката Ангелов-Габерот“ Кавадарци и на Илија Белевски, државен инспектор за труд при Министерството за труд и социјална политика-ПЕ Кавадарци, бидејќи постои основа за сомневање дека сториле кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в од Кривичниот законик.
Зора Јосифова, како директор на споменатото училиште, спротивно на законските прописи за судир на интереси, по споменатиот оглас го примила својот син С.Ј. за наставник во одделенска настава.
Државниот инспектор за труд очигледно несовесно постапувал во вршењето на инспекцискиот надзор во посоченото училиште во врска со споменатиот оглас, неконстатирајќи очигледни повреди на одредбите од Законот за работни односи и одредбите од Законот за општата управна постапка во однос на траењето на рокот за поднесување пријава по огласот, поради кои и не е разгледувана пријавата на кандидат за учество на истиот.
Со тоа е овозможено стекнување противправна корист на блиско лице на директорот на посоченото училиште и нанесување штета на кандидатот на кого противправно не е разгледувано пријавувањето по огласот.
|
|
|
09.10.2009 Државната комисија за спречување на корупција, по сопствена иницијатива постапуваше по предмет оформен во врска со огласот и постапката за доделување договор за јавна набавка на маици со кратки ракави за припадниците на полицијата, за потребите на Министерството за внатрешни работи како договорен орган.
Во постапувањето Државната комисија побара детални информации, како и целокупната документација за предметната јавна набавка, сметано од донесувањето на одлуката за јавната набавка до известувањето за склучен договор, доставено до Бирото за јавни набавки.
По извршената анализа на целокупната документација, Државната комисија поаѓајќи од своите надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата, заклучи дека нема елементи за нејзино надлежно постапување во конкретниот случај.
Во врска со Анкетниот лист за имотната состојба на г-дин Зоран Ставрески, Заменик на претседател на Владата и министер за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата ја дава следната информација:
Г-дин Зоран Ставрески по изборот на функцијата Заменик на претседател на Владата на Република Македонија во август 2006 година достави анкетен лист за имотната состојба. Државната комисија за спречување на корупцијата согласно со измените на Законот за спречување на корупцијата во јули 2007 година започна со објавување на податоците од анкетните листови на својата Веб страница, кога беше и објавена имотната состојба на г-дин Зоран Ставрески.
Во 2008 година г-дин Зоран Ставрески, по повторниот избор за Заменик на претседател на Владата на Република Македонија достави анкетен лист за својата имотна состојба.
Во јули 2009 година г-дин Зоран Ставрески е избран за министер за финансии за што има доставено известување до ДКСК, а тој и натаму без прекин ја обавува функцијата Заменик на претседател на Владата на Република Македонија, поради што нема обврска да достави нов анкетен лист за својата имотна состојба.
Во постапката за објавување на податоците за имотната состојба на Веб страницата на ДКСК, системот е поставен така да генерира само еден податок, така што внесување на податокот дека г-дин Зоран Ставрески е избран за министер за финансии автоматски генерираше податок дека нема поднесено анкетен лист.
Со оглед на сето ова г-дин Зоран Ставрески ја има исполнето својата законска обврска поради што нема основа за постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата.
|
|
|
08.10.2009 Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно со своите законски надлежности, утврдени во Законот за спречување на корупцијата, постапувајќи по предмет што се однесува на работењето на ЈНУ “Институт за тутун“ Прилеп и врз основа на Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи во ЈНУ “Институт за тутун“ Прилеп за 2007 година, а врз основа на член 49 став 1 алинеа 6 од Законот за спречување на корупцијата, на ден 03.10.2009 донесе заклучок до Јавното обвинителство на Република Македонија и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на одговорни и службени лица од ЈНУ “Институт за тутун“ Прилеп, поради основано сомневање дека сториле кривично дело "Злоупотреба на службената положба и овластување" од член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Одговорните и службени лица од ЈНУ “Институт за тутун“ Прилеп ја искористиле својата службената положба и овластување и овозможиле ненаменско и незаконско трошење на средствата кои претставуваат државни расходи за 2007 година, со што е создадена можност за остварување незаконска финансиска корист за себе или за друг а на штета на Јавната научна установа.
|
|
|