Skip to content

Државна Комисија за Спречување на Корупција Државна Комисија за Спречување на Корупција Државна Комисија за Спречување на Корупција

Почетна arrow Судир на интереси arrow ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СУДИР НА ИНТЕРЕСИ
ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СУДИР НА ИНТЕРЕСИ Испечати Е-пошта

dksk_logo14.08.2009 По две години од примената на првиот Закон за спречување судир на интереси е отворена процедура за негова измена и дополна што треба да заврши во наредните недели со усвојување на измените, со цел остварувањето на оваа задача од петтата одредница за пристапувањето на РМ во ЕУ во 2009 година да се прикаже во септемврискиот извештај за напредокот на нашата земја на овој пат. Измените ги иницираше и поттикна ДКСК како единствено надлежна за примена на овој закон, кој што се однесува на судирот на интереси што спаѓа во корпусот коруптивни дејствија. Имено, судирот на интереси е состојба која навестува можна злоупотреба на јавните должности и овластувања и затоа се третира како предворје на корупцијата и при тоа е факт дека судирот го има во секој случај на корупција, иако не секој судир на интереси е корупција. Потребата од интервенција во законот произлезе од практиката дека тој мора да стане појасен и поприменлив и да придонесе на ефикасна превенција и намалување на појавата на судир на интереси во практиката. Во таа насока ДКСК во изминатиот период оствари интензивна континуирана стручна подготовка, вклучувајќи ги  најрелевантните знаења и искуства од западните земји, од меѓународни институции и експерти, од САД, Велика Британија и други земји. Во мај 2008 година, како резултат на остварувањето на одредницата за минатата година беше донесувањето на Државната програма за превенција и намалување на појавата на судирот на интереси во која беше утврдено донесување на Водич за управување со судирот на интереси, беше започната серија обуки во повеќе сегмети на системот и беше планирана подготовка на измени на основниот закон. Согласно со Акциониот план од Државната програма, ДКСК на почетокот на месец јуни 2009 година понуди комплетен предлог за сите потребни интервенции во законот и како учесник во работната група ги достави до Министеството за правда. ДКСК учествуваше и во јавната расправа на 31 јули 2009 година во Собранието на Република Македонија, на Националниот комитет за евроинтеграции, врз предложениот владин текст од првата верзија на неговото читање. Со цел докрај да придонесе за вклучување на нејзините предлози во законот, ДКСК истите ги држи отворени во целата постапка за донесување на законските измени.
Согласно со принципот на транспарентно работење и со цел запознавање на сите заинтересирани институции и поединци, следува приказ на предлозите на ДКСК и образложенијата за нив:

Во постојниот Закон за спречување судир на интереси, член 3 став 1 алинеја 1 се менува и гласи:

  • „судир на интереси“ подразбира судир меѓу јавната должност и приватниот интерес на службеното лице, во кој службеното лице има приватен интерес што влијае или би можел да влијае врз извршувањето на неговите службени должности и овластувања.

Предлог на ДКСК е дефиницијата за судир на интереси да биде усогласена со дефиницијата  која за овој институт ја користи OECD, од причина што оваа дефиниција подобро го објаснува институтот судир на интереси, таа е развиена и прифатена и најдобро се препознава во меѓународната струка и практика. Впрочем и досега во духот на вака дадената дефиниција се утврдени нормите во законот и постапката за негова примена во која приватниот интерес на службеното лице се констатира и напоредно со тоа се цени дали тоа лице ја запоставило или може да ја запостави својата должност во секој конкретен случај на своето постапување да го стави настрана својот приватен интерес.

Алинеја 2 се менува и гласи:

  • „јавна должност“ подразбира остварување права и обврски во полза на јавниот интерес под еднакви услови во материјална и нематеријална смисла. 

Во алинеја 3 зборовите „работите од јавен интерес“ се заменуваат со зборовите „јавната должност“

Алинејата 5 се менува и гласи:

  • „блиски лица“ се лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

И во постојниот Закон за спречување судир на интереси, како блиските лица на службеното лице на кои се однесува режимот на законот се лицата од неговиот семеен круг. Тој принцип останува со оглед на фактот што се работи за природна блискост на едно лице која може да му влијае врз остварувањето на обврките на службената должност. Во новиот предлог на ДКСК, а по сугестија на експерти на Европската комисија ангажирани преку TAIEX и од САД, се проширува кругот на блиски лица и врз оние со кои службеното лице има деловен или каков и да е друг материјален или нематеријален интерес, а кои не му се во семејниот круг.

Алинејата 6 се менува и гласи:

  • „подарок во смисла на овој закон подразбира пари, хартии од вредност, предмети, права и други услуги кон службено лице со цел вршење односно невршење службено дејствие.“

Се работи за подароци кои можат да бидат ветени, понудени, дадени или примени кон и од службеното лице, пред и по извршувањето односно неизвршувањето на службеното дејствие.

По алинејата 7 се додава нова алинеја 8 која гласи:

  • “изјава за интереси„ во смисла на овој закон е изјава на службеното лице со податоци за неговите лични и приватни интереси.

Се работи за изјава во која службеното лице ги пријавува своите интереси со цел формирање бази на податоци, кои ќе може конкретно и поеднечно да се употребат за детектирање на можен судир на интереси при вработувања, склучување на договори, разни располагања во рамките јавните овластувања, разни располагања со добра и други права во рамките на јавните оластувања, наименувања и слично. Со тоа се јакне превентивниот капацитет за спроведување на Законот, што е една од главните цели на антикорупциската политика.
Токму затоа оваа изјава не може да биде „изјава за судир на интереси“, зашто службеното лице не знае и не мора да знае дали се наоѓа во состојба на судир на интереси, тоа треба да го оцени надлежно тело, според законот тоа е  ДКСК, а не обврзникот тоа да го чини. Оваа изјава е со сличен карактер како анкетниот лист во кој се пријавува имотна состојба а не незаконски стекнат имот и за неа важи истиот режим како кај анкетните листови во поглед на: пропишување на образецот, пополнување, доставување на изјавите како и пријавување на променетите интереси.

Ставот (2) се менува и гласи:
„(2) Службено лице, во смисла на овој закон се:

  • претседателот на РМ, поставените амбасадори и пратеници на РМ во странство и наименуваните лица од претседателот на РМ;
  • избран или наименуван функционер во и од: Собранието на РМ, Владата на РМ, органите на државната управа, правосудните органи, јавните претпријатија и установи, другите органи и организации што вршат стручни, управни или други работи во рамките на правата и должностите на Републиката, општините и на градот Скопје;
  • државните службеници и лицата со посебни овластувања и должности утврдени во посебни закони.“

Во овој став се предлага таксативно набројување на лицата на кои се однесува законот, бидејќи при практичната примена често се јавуваат дилеми на кого истиот се однесува.
Во предлогот, согласно со сугестиите и од мисијата СИГМА, режимот од Законот се пренесува и врз државните службеници, како и врз оние што работат во јавните институции за кои системскиот закон е во подготовка. Основната причина е можноста тие при извршувањето на своите редовни работни обврски да се најдат во состојба на судир на интереси, како и фактот  што ова прашање не е регулирано со материјалниот закон со кој се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на оваа категорија на лица вработени во државната управа – Законот за државните службеници. Се предлага овие лица исто како и избраните и наименуваните лица да поднесуваат изјава за интереси. Бидејќи станува збор за лица во редовен работен однос, истите изјавата за интереси ќе ја поднесуваат до органот каде што се вработени.

Во член 9 став (1) се менува и гласи:
„(1) Службеното лице кое пред стапување на функцијата како сопственик управувал со трговско друштво или установа, за време на извршувањето на функцијата, управувањето му го доверува на друго лице или посебно тело.“
Ставовите 2 и 3 се бришат.

Овој предлог овозможува спречување на судир на интереси при што се разликува правото на сопственост кое што како уставно гарантирано е неспорно, од правото на управување со трговско друштво или установа, кое му се ограничува на службеното лице токму за да не ја употреби службената должност за приватен интерес. Тоа значи дека службеното лице како сопственик ќе мора да го пренесе управувањето на друго лице или посебно тело.

Членот 15 се менува и гласи:
„(1) Службеното лице во вршењето на јавната должност и овластување не смее да прима подарок.“

Суштината на предлогот се заснова врз фактот дека мотивот за ветување, нудење, давање или примање подарок е вршење односно невршење службено дејствие. При тоа мора да се разликува дека подарокот во антикорупциска смисла го нема истото значење со подарокот утврден во Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост во кој подарокот е дозволен во децидно назначени ситуации, поводи, начин, висина и постапка.

Во членот 17 по став 3 се додаваат нови ставови 4, 5 и 6 кои гласат:
„(4) Службеното лице кое по напуштање на функцијата во период од две години се вработи во правно лице од приватниот сектор, должно е во рок од 30 дена да ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата.
(5) Службено лице не може во текот на траењето на мандатот односно должноста и во период од три години по престанокот на функцијата, да стекне по кој и да е основ и во кој и да е облик акционерски права во правното лице над кое тој или органот во кој работи или работел, врши, односно вршел надзор.
(6) Доколку службеното лице во периодот од ставот 5 на овој член се стекне со акционерски права по пат на наследување, должно е тоа да го пријави до Државната комисија за спречување на корупцијата. “

ДКСК инсистира на вакви измени зашто одработеното или ветеното за време на извршување на функцијата (издавање дозволи, концесии и сл.), има можност да се ефектуира откако на службеното лице ќе му престане функцијата и ќе премине во приватниот сектор, со што тоа ќе оствари корист од коруптивно дејствување. Инсистирањето е доследно на антикорупциските постулати кои бараат од корупција да не може да се остварува корист.

Членот 18 се менува и гласи:
“(1) Службено лице од член 3 став 2 алинеи 1 и 2, не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво.
(2) службено лице од член 3 став 2 алинеа 3, може да биде член само на еден управен или надзорен орган“.

Согласно со категоризацијата на службените лица во членот 3 став 2, предложена од ДКСК, се бара измена и во овој член со тоа што во ставот 1 од овој член режимот е истиот со постојниот, а тоа е дека тие службени лица не може да членуваат во вакви тела. 
Ставот 2 го регулира прашањето за членување на државните службеници во вакви тела кое сега постои како можност во специјалните закони од јавната сфера и тоа во делот на управните и надзорни органи, но со прецизирање од аспект на деакумулација на функциите на едно исто лице, со оглед на тоа што акумулацијата на повеќе функции на исто лице е една од појавните форми на судирот на интереси.

По член 20 се додава нова глава:
“ ГЛАВА IV-а. ИЗЈАВА ЗА ИНТЕРЕСИ”

„Член 20-а
(1) Службено лице при преземањето на функцијата и должноста,  а најдоцна во рок од 30 дена поднесува изјава за интереси до Државната комисија за спречување на корупцијата.
(2) Службеното лице во рок од 30 дена ја известува Државната комисија за промена во своите интереси.

Член 20-б
(1) Државните службеници и лицата со посебни овластувања и должности утврдени во посебни закони, по вработувањето, а најдоцна во рок од 30 дена поднесуваат изјава за интереси до органот во кој се вработени.
(2) Лицата од став 1 на овој член, во рок од 30 дена го известувваат органот во кој се вработени за промена на своите интереси.

Член 20-в
(1) Содржината и формата на образецот на изјавата за интереси ги пропишува Државната комисија за спречување на корупцијата.“

По однос на оваа глава која како нова се додава во предлог законот за изменување и дополнување на законот за спречување судир на интереси, ДКСК бара истата да биде вклучена во конечната верзија на Законот зашто овој предлог е усогласен со режимот на анкетните листови кој добро функционира во практиката, што значи има солидна применливост и воедно е елемент за конзистентност на регулативата во поглед на обврските на службеното лице да дава изјави и податоци за свои статусни прашања.

Во член 21 став (1) алинејата 7 се менува и  гласи:
“– ги изрекува мерките утврдени во овој Закон.“

Со овој предлог се прави значаен исчекор со тоа што мерките од законот ќе ги изрекува ДКСК. Имено, упатувањето од сегашниот закон мерките опомена или иницијатива за разрешување да ги изрекува органот каде што е вработено службеното лице се покажа неделотворно. На пример, се поставува прашање за тоа кој му е надреден орган на градоначалникот, членот на советот, претседателот и слично. Со ова се надминува досегашната правна празнина кога нема точно кој да ја изрече мерката на предлог на ДКСК. Исто така е спорно задржувањето на мерката - иницијатива за разрешување, зашто ДКСК не избира или наименува, па затоа и не може да разрешува. Ова и досега го правеше законот тешко применлив. Со предлогот се менува досегашниот фокус и се насочува кон вистинскиот законски обврзник, а тоа е службеното лице, па затоа ДКСК предлага иновирање на оваа мерка во иницијатива за напуштање на функцијата односно на службата.

Членот 22 се менува и гласи:
„(1) Постапката за утврдување судир на интереси Државната комисија ја спроведува врз основа на начелата на законитост, доверливост, објективност и непристрасност.
(2) Постапката за утврдување постоење судир на интереси ја поведува и спроведува Државната комисија:

  • по сопствено наоѓање,
  • по сопствено барање на службеното лице,
  • врз основа на пријава на друго лице,
  • врз основа на анонимна пријава,
  • по барање на функционерот кој раководи со органот.

(3) Државната комисија за потребите на постапката и утврдување на фактичката состојба, прибира податоци и информации од физички и правни лица, како и од самото службено лице и истите се должни на барањето да одговорат во рок од 15 дена.“

Членот 23 се менува и гласи:
„(1) Кога Државната комисија ќе констатира судир на интереси должна е да го извести службеното лице и да побара од него, во рок од 15 дена, да излезе од состојбата на судир на интереси.
(2) Ако службеното лице постапи по укажувањето, Државната комисија ја запира постапката и за тоа ги известува службеното лице и подносителот на пријавата.
(3) Доколку службеното лице не постапи согласно со став (1) од овој член, Државната комисија донесува одлука за изрекување мерка јавна опомена, која што му ја доставува на службеното лице и за тоа ја известува јавноста.
(4) Ако службеното лице на кое му е изречена мерката јавна опомена во рок од 15 дена од приемот на одлуката не превземе дејства за отстранување на судирот на интереси и за тоа не ја извести Државната комисија, Државната комисија ќе покрене иницијатива за напуштање на функцијата односно на службата.
(5) Доколку од судирот на интереси се настанати правни последици, Државната комисија бара нивно отстранување.“

Предложената постапка од страна на ДКСК ги разработува начелата и принципите врз кои таа се води на начин што овозможува брза и ефикасна примена на законот, засновано врз анализа на практичните искуства што ги има ДКСК како матично надлежна институција. Евидентно е при тоа дека се заштитува интегритетот на службеното лице доколку нема основа за преземање процесни дејствија и мерки утврдени во законот и тоа на начин и рокови што ја растоваруваат постапката од прекумерно администрирање и време траење.
ДКСК посебно го свртува вниманието врз ставот 5 кој што има силна антикорупциска димензија и го афирмира принципот на легалитет, дека кршењето на законот, не може да произведува регуларни и легитимни последици. На овој начин, односно без оваа одредба, ќе изостане казнување во случаите кога коруптивното постапување ќе произведе придобивки со што се губи смислата на законот, па корупцијата ќе ја легитимираме како исплатливо однесување.

Во членот 25 став (1) се менува и гласи:
„(1) На службеното лице му се изрекува една од следниве мерки

  • јавна опомена
  • иницијатива за напуштање на функцијата, односно на службата.“ 

Ставот 2 се менува и гласи:
„(2) Мерките што ги изрекува Државната комисија се објавуваат во јавноста.“

Се предлага наместо три, две законски мерки што ќе ги изрекува ДКСК, и тоа: јавна опомена како прва за сите службени лица и како втора, иницијатива за напуштање на функцијата - за функционерите  односно иницијатива за напуштање на службата - за државните службеници.

Значајно е и тоа што се отвора целосно можноста, ДКСК јавно да го соопшти својот став и во случаите кога не е констатиран судир на интереси зашто се покажа дека често во јавноста се исфрла нечие име со обвинение дека е во судир на интереси, тоа ги трпи јавните последици, а се покажува фактички дека таа констатација не држи.

ДКСК предлага единствена втора мерка и тоа како иницијатива за напуштање на функцијата (за функционерите), односно иницијатива за напуштање на службата (за државните службеници).

ДКСК инсистира на промена на фокусот на законот кон службеното лице кое е обврзник, зашто и досега постоеше иницијатива за разрешување која беше неприменлива врз одредена категорија службени лица  (градоначалници, членови на совет, претседател и др.). Тоа решение ја спори надлежноста на ДКСК да разрешува некого, што е издржан став. Задржувањето на постојното решение како иницијатива за разрешување, овозможува да продолжи затскривањето на службеното лице зад старешината на органот каде тој постои како надреден. ДКСК смета дека законот му се обраќа на службеното лице кое е негов обврзник, од кое бара соодветен етички капацитет и лична потврда за позитивен однос кон законот. Токму затоа  ДКСК  треба да изрекува мерка иницијатива за напуштање на функцијата односно на службата упатено до службеното лице, која во основа значи барање оставка односно самонапуштање на службата како личен чин. Ова не само што ја решава правната празнина спомената погоре, туку таму каде што постои надреден орган, не задира во неговото право да разреши некого затоа што истиот и го предлага, наименува односно вработува, така што со непостапувањето на службеното лице по изречената мерка од страна на ДКСК би бил на потег старешината со аргумент плус за користење на неговото овластување да го разреши службеното лице.     

Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека е неопходно предложените измени да бидат вклучени во изменетиот Закон за спречување судир на интереси, со што Република Македонија ќе се здобие со компаративна предност во однос со многу земји и ќе се вброи меѓу државите кои на највисоко соодветно ниво го дефинираат,  нормираат и применуваат овој институт. Тоа ќе приднесе за јакнење на нормативниот и етички капацитет на институциите и на службените лица во Република Македонија.

 
< Претходно   Следно >

Образец Анкетен Лист

Анкетен Лист

Образец за пријавување на промени на имотната состојба

Образец Изјава за интереси

Податоци за имотна состојба на функционерите

untitled-2

ИПА 2010 - Твининг Проект

poster

Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

Апликација - Државна Програнма 2011-2015

Влез во Апликација

Промовирање на транспаретноста и отченоста во јавните институции

sl_kniga

Апликација - Регистар на избрани и именувани лица

Регистар на избрани и именувани лица

Податоци за избрани и именувани лица

Регистар на избрани и именувани лица

ДКСК

ИСО 9001:2008

  Прирачник за Интегритет и Судир на интереси
 

Обратете се до Комисијата

Обратете се до комисијата
Advertisement

Прирачник за Интегритет и Судир на интереси

  Прирачник за Интегритет и Судир на интереси
 
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
undp_logo