Skip to content

Државна Комисија за Спречување на Корупција Државна Комисија за Спречување на Корупција Државна Комисија за Спречување на Корупција

Соопштение Испечати Е-пошта

ПРВИЧНА ИНФОРМАЦИЈА ЗА АНАЛИЗАТА НА ФИНАЛНИТЕ  ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ НА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА ШТО ОБЕЗБЕДИЈА МЕСТО ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА И НДП

dksk_logo24.06.2011 Државната Комисија за спречување на корупцијата, во текот на неколкуте изминати денови, се фокусира на разгледување на добиените конечните финансиски извештаи за состојбата на сметките кои наменски се отворени од страна на организаторите на изборните кампањи за реализација на изборните активности.
Во таа насока, согласно законските обврски, од вкупно 18 организатори на изборната кампања, конечен финансиски извештај доставија 14, додека СДПМ, ЛДП, НДУ и ПДП, до денес, немаат доставено никакво известување.

Исто таква обврска имаа и радиодифузерите што ја покриваат изборната кампања, како електронски, така и печатени. ДКСК, оствари увид и во овие извештаи, во кои се содржани податоците за платеното политичко рекламирање и податоците ги спореди со прикажаното во извештаите од организаторите на изборната кампања. Од остварениот увид во конечните финансиски извештаи, на организаторите на изборната кампања за коалициите ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, како и на политичките партии ДУИ, ДПА и НДП, како политички субјекти што освоија мандати во новиот Собраниски состав, како и споредбите направени со извештаите од националните радиодифузери, како и со извештајот од СРД, ДКСК, во оваа фаза може да ги презентира следниве констатации:

  1. Гледано од формален аспект, доставените конечни финансиски извештаи се коректни и доставени во законски утврдениот рок и во пропишаната форма;
  2. Од конечниот финансиски извештај на ВМРО – ДПМНЕ, може да се констатира дека тој, како што е предвидено во Изборниот законик, се однесува за периодот од почетокот до крајот на изборната кампања, односно до 03.06.2011 година, што значи не е користен фактот што наменската жиро сметка и натаму е отворена, туку во извештајот се содржани податоците за приходите и расходите за време на кампањата, во што се состои и смислата на обврската што произлегува од Изборниот законик. Организаторот на кампањата, обезбедил приход во висина од 67.942.000,00 денари. Станува збор за донации од физички лица во висина од 31.780.000,00 денари и донации во висина 35.854.00,00 денари, од 29 правни лица, од кои 28 се медиуми, а веќе информиравме за донацијата на Земјоделската задруга Единство од Челопек, која се јавува како 29 донатор и нејзината донација е во рамките на законскиот лимит. За да се утврди дали донацијата од 28 правни лица – медиуми, е во рамките на законскиот лимит, веќе побаравме да ги добиеме нивните завршни сметки за 2010 година, со цел да ги провериме и споредиме добиените податоци со остварениот приход во минатата година. Што се однесува до расходната страна, во конечниот финансиски извештај е прикажан нивниот вкупен износ од 272.334.493,00 денари, кои се потрошени за реклама и платено политичко рекламирање, објавување на огласи, потрошен материјал, печатење, копирање и издавање, како и за транспортни услуги. Разликата меѓу приходите и расходите изнесува минус 204.402.493,00 денари. Инаку вкупниот износ потрошени средства не го надминува законски пропишаниот лимит;
  3. Конечниот финансиски извештај на СДСМ, се однесува на периодот до 17.06.2011 година, што значи дека тој не се однесува само за периодот до завршување на изборната кампања, како што бара Изборниот законик, туку опфаќа и период по нејзиното завршување, односно до доставувањето на извештајот. Подносителот на извештајот има наведено дека има склучено Договор за револвинг кредит во износ од 1.500.000 евра со хипотека на недвижен имот во вредност од 2.000.000 евра. Во членот 83, став 2 на Изборниот законик експлицитно се наведени изворите за финансирање на изборната кампања, а тоа се средства од членарина, донации од правни и физички лица. Во таа насока кредитот, како извор за финансирање на изборната кампања целосно е спорен, бидејќи подносителот на извештајот, кредитот и натаму го прикажува како донација и ДКСК ќе ги провери условите под кои е земен кредитот, односно, ќе утврди дали тој е даден со одредени поволности вон стандардните услови што ги дава Банката, со што ќе се расчисти дилемата дали е донација од Банката, ако е донација колкава е таа, а што е кредит од тој цел износ. Во Извештајот е наведено дека од одобрениот кредит се повлечени 38.400.000,00 денари, што како износ, се совпаѓа со информацијата од соопштението на Комерцијална банка А. Д. – Скопје, дека партијата, заклучно со 31.05.2011 година, повлекла 38.411.677,00 денари.  Организаторот на кампањата, обезбедил вкупен приход од 29.161.526,50 денари. Станува збор за приход формиран од донации на 3 физички лица, во вкупен износ од 604.000,00 денари, а поединечните донации се во рамките на законскиот лимит. Останатите приходи во износ од 28.557.526,00 денари се средства повлечени по основ на наведениот кредит. Кон Извештајот се приложени и неколку договори за отстапен рекламен простор со попуст и за цесии со правни лица кои не се прикажани во Извештајот. Склучен е договор со А1 ТВ за емитување на реклама, во вкупна вредност од 106.200 евра, со вклучен ДДВ и тоа со попуст кој не е означен; Склучен е договор за цесија меѓу А1 ТВ, СДСМ и ЈП Македонска радиодифузија во вкупна вредност од 2.627.170,00 денари, за побарувањата кои ЈП Македонска радиодифузија ги има кон А1 ТВ по основ на неплатени фактури; Склучен е договор за цесија меѓу А1 ТВ, СДСМ и Советот за радиодифузија на Република Македонија, во вкупна вредност од 2.404.129,50 денари, за побарувањата што Советот за радиодифузија ги има кон А1 ТВ на име концесија за зрачење на програмата 2011 – 2012 година; Склучен е договор за цесија меѓу А1 ТВ, СДСМ и Макпетрол Скопје, во вкупна вредност од 300.000,00 денари на име ненаплатени побарувања на Макпетрол кон А1 ТВ; Склучен е договор за цесија меѓу А1 ТВ, СДСМ и Мулти Медијатор Скопје, во вкупна вредност од 1.200.000 денари. Овој договор за цесија е нејасен и ДКСК посебно ќе го провери. Во однос на овие цесии, сите се потпишани и заведени со датум по завршување на изборната кампања, што упатува на заклучок дека тие се реализирани по завршувањето на изборната кампања. Откако ДКСК ќе направи увид во банкарските изводи, ќе се констатира дали средствата ненаменски се потрошени, односно, дали тие се потрошени за неизборни цели. На расходната страна прикажан е расход во износ од 34.131.560,00 денари, а износот е потрошен за реклама и платено политичко рекламирање, транспортни услуги, изнајмување на простор и опрема, печатење, копирање и издавање. Разликата меѓу приходите и расходите, според Извештајот изнесува – 4.970.033,50 денари.  Тоа што особено го привлече вниманието на членовите на ДКСК, беше извештајот за платено политичко рекламирање на СДСМ во А1 ТВ кој, со задоцнување, но сепак стигна до ДКСК. Имено, во Извештајот од А1 ТВ се наведува дека за 13 часа, 53 минути и 35 секунди платено политичко рекламирање на СДСМ, А1 ТВ треба од СДСМ да наплати 430.239.855,00 денари. Во Извештајот е наведено дека А1 ТВ не дало попуст, што значи дека СДСМ, кон А1 ТВ останува отворен за целиот тој износ од 430.239.855,00 денари. Натаму во истиот Извештај од А1 ТВ, се вели дека СДСМ им платил 6.531,300 денари (можно е тоа да се Цесиите), што според редот на нештата, останува долг, што СДСМ треба да го исплати на А1 ТВ, во износ од 423.708.555,00 денари, што е за цели 101.131.455,00 денари пречекорен максималниот законски лимит на средства, кои СДСМ може да ги потроши во изборната кампања - 329.108.400,00 денари. Но, затоа пак, во Извештајот од А1 ТВ, во рубриката побарувања, ставено е дека СДСМ нема долг кон А1 ТВ, или со други зборови, А1 ја донира кампањата на СДСМ со износ од 423.708.555,00 денари;
  4. Организаторот на изборната кампања на ДУИ, во конечниот финансиски извештај прикажа вкупен приход од 5.319.000,00 денари, според кој, во однос на претходните извештаи, дополнително се прикажани 4 нови донации од физички лица, во висина од 1.060.000,00 денари, кои се во рамките на предвидениот законски лимит. Организаторот, прикажал расходи во висина од 5.312,511,50 денари, од кои, најголемиот дел отпаѓаат на реклама и платено политичко рекламирање – 4.467.001,50 денари, потоа за превозни и транспортни услуги, изнајмување простор и опрема. Споредбено, приходите со расходите, организаторот има позитивен остаток од 6.488,50 денари;
  5. Организаторот на изборната кампања на ДПА, во конечниот финансиски извештај, има прикажано приходи во висина од 669.000,00 денари, кои се донации од физички лица, и се во рамките на максимално дозволениот износ за донација. Вкупно прикажан расход е 2.512.168,00 денари, од кои средства најмногу се потрошени за реклама и платено политичко рекламирање – 2.152.707,00 денари, потоа превозни услуги, како и услуги за изнајмување на простор и опрема. Споредбено, приходите со расходите, организаторот остварил минус од 1.843.168,00 денари. Сепак, за истакнување е односот на овој организатор, бидејќи го испочитува барањето од ДКСК, за презентирање на банковните изводи за приходите и расходите на наменската сметка, така што од ТТК Банка по иницијатива на организаторот на кампањата ни беа доставени сите банкарски изводи за оваа сметка;
  6. Конечно, организаторот на изборната кампања на НДП, до ДКСК доставија најкоректен конечен финансиски извештај, за што им оддаваме јавно признание. Организаторот на изборната кампања на НДП, како и во двата претходни, периодични извештаи, и во овој конечен финансиски извештај, беа прецизни и поткрепени со банкарските изводи. Овој организатор, обезбедил приход во износ од 1.488.807,50 денари, а направените расходи се 1.487.890,50 денари од кои најзначајни се оние што се направени за реклама и платено политичко рекламирање, во износ од 789.947,00 денари, како и за објавување на огласи. Организаторот на кампањата, споредено приходната со расходната страна, има остаток од 917,00 денари;
  7. Во Извештајот на А1 ТВ, се прикажани попустите кои ги добиле партиите што се рекламирале на овој медиум и тоа:
    • ПЕИ има добиено попуст од 77.547.810,00 денари;
    • Обединети за Македонија, имаат попуст од 61.496.550,00 денари;
    • ВМРО – НП има попуст од 79.779.645,00 денари;
    • Нова Демократија, има попуст од 51.150.395,00;
    • Достоинство, има попуст од 13.522.620,00 денари;
    • Демократска десница, има попуст од 25.009.450,00 денари и
    • ЛДП, има попуст од 17.791.950,00 денари.

    Според прикажаното во Извештајот од А1 ТВ, овој медиум дал донација за овие осум политички партии во износ од 750.006.975,00 денари, односно 12.215.097 евра. Овие средства како донации во финансиските извештаи на спомнатите организатори на изборна кампања не се прикажани. Во оваа насока, за ДКСК спорно е и прашањето, правно лице – медиум кој има блокирано жиро сметка поради неможност да ги исплати побарувањата кон УЈП во висина од неколку милиони евра, дали воопшто може да се јави како донатор, а да не го коментираме износот на прикажаната донација, за која познато е, согласно Изборниот законик за правните лица не може да надминува повеќе од 5% од вкупно остварениот приход за минатата година;

  8. ДКСК, по проверката на пристигнатите банкови извештаи, ќе одлучи за покренување иницијатива за кривично гонење, како на организаторите на изборната кампања што не поднесоа конечен финансиски иавештај, за партиите СДПМ, ЛДП, НДУ и ПДП така и за СДСМ, и за А1 ТВ. Имено, во членот 165 – а од Кривичниот Законик, каде што е предвидено кривичното дело „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, се вели -  „Организатор на изборна кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот на трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања на средства дозволени за изборна кампања, со користење на недозволени средства за изборна кампања, со исплати спротивни на намената за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.  Исто така, во членот 37од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 14.09.2009 година, во членот 165 – а, се додава (2) – „ Со казната од став 1 на овој член ќе се казни и одговорното лице во правното лице кои со непријавување на донации и други средства за финансирање на изборна кампања, со спречување на надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборната кампања, со неподнесување на финансиски извештај или со давање  на лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, со пречекорување на законските ограничувања на средства дозволени за изборна кампања со обезбедување на недозволени средства за изборна кампања, со исплати спротивни на намената за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето овластување определено со закон. (3) тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ кој во поголема вредност го надминува законскиот максимум, ќе се казни со парична казна или затвор до три години. (4) ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна. (5) незаконски обезбедените средства се конфискуваат. ДКСК, смета дека во се што е погоре кажано, се содржани елементите и битието на кривичното дело чии одредби беа цитирани;

  9. ДКСК ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против националните радиодифузери кои ненавремено доставија или воопшто недоставија извештај, односно против А1 ТВ и ТВ Алб;

  10. ДКСК, поаѓајќи од своите надлежности, а имајќи ги предвид и овластувањата што произлегуваат од Законот за спречување на корупцијата, ги доби банкарските изводи на наменските сметки за изборната кампања на сите политички партии. Сега претстои еден подолг процес на проверка, анализа и споредување на тие податоци со оние што се прикажани во финалните финансиски извештаи, а за што јавноста посебно ќе биде информирана, вклучително и за наодите за организаторите за кои денес информираме;

  11. ДКСК нагласува дека согласно Изборниот законик, двата периодични финансиски извештаи што се поднесуваат во изборниот период, што стана обврска на организаторите на изборните кампањи од овој изборен циклус, не ја отфрла обврската за поднесување на конечен финансиски извештај, напротив таа обврска останува да се исполни најдоцна 15 дена по завршувањето на изборната кампања, односно заклучно со 18.06.2011 година;

  12. ДКСК смета дека образецот за финансискиот извештај не е соодветен на потребите, односно е ненаменски за прикажување на изворите на финансирање во изборната кампања, поради што инсистираме да се изготви нов образец.

 

ДКСК констатира дека, благодарение на квалитетно подобрената изборна регулатива, во кој процес ДКСК активно партиципираше, а продолжуваме и понатаму со проактивен пристап, за прв пат имаме вистинска можност да направиме сериозна контрола и увид во финансирањето на изборна кампања во Република Македонија. Во ДКСК, нема дилема дека со проверките на финалните финансиски извештаи, со проверките и споредувањата на прикажаното во извештаите со она што го прикажуваат електронските и печатени медиуми, со извештајот од СРД, со анализите на сите тие параметри, за прв пат можеме да дадеме некоја приближна оценка за вистинската цена на изборната кампања, за законското потекло на средствата за финансирање и нивното наменско трошење, а секако, врз основа на тоа и за потребата од доуредување на изборната регулатива.

 

 

 
< Претходно   Следно >

Образец Анкетен Лист

Анкетен Лист

Образец за пријавување на промени на имотната состојба

Образец Изјава за интереси

Податоци за имотна состојба на функционерите

untitled-2

ИПА 2010 - Твининг Проект

poster

Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

Апликација - Државна Програнма 2011-2015

Влез во Апликација

Промовирање на транспаретноста и отченоста во јавните институции

sl_kniga

Апликација - Регистар на избрани и именувани лица

Регистар на избрани и именувани лица

Податоци за избрани и именувани лица

Регистар на избрани и именувани лица

ДКСК

ИСО 9001:2008

  Прирачник за Интегритет и Судир на интереси
 

Обратете се до Комисијата

Обратете се до комисијата
Advertisement

Прирачник за Интегритет и Судир на интереси

  Прирачник за Интегритет и Судир на интереси
 
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
undp_logo