02. 10. 2007 Државната комисија за спречување на корупцијата го разгледа Предлог - Законот за измени и дополнување на Законот за градење, кој веќе е во Собраниска процедура.
Со оглед на фактот што во Предлогот повторно се предвидува подигање времени објекти Државната комисија смета дека таква измена не треба да се направи зошто со тоа се создава можност за корупција.
Што се однесува за објектите за урбана опрема Законот треба стриктно да наброи за кои и какви објекти се работи, со строго утврдена и транспарентна процедура за изградба на вакви објекти.
09. 10. 2007 Државната комисија за спречување на корупцијата до Собранието на Република Македонија достави Мислење по Предлог законот за измени и дополнувања на законот за градење
МИСЛЕЊЕ ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ
Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно член 49 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупцијата (“Сл.весник на РМ“ бр.28/02,46/04 и 126/06) во врска со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за градење што е во собраниска процедура, го дава следново
МИСЛЕЊЕ
Тргнувајки од својте законски надлежности, Државната комисија за спречување на корупцијата оценува дека Предлог законот за изменување и дополнување на законот за градење е од значење за спречување на корупцијата во областа на градежништвото.
Во суштина овој Предлог закон, впрочем како и основниот Закон за градење донесен во 2005 година (“Сл.весник на РМ“, бр.51/05), преставува современ законски акт и во себе содржи начин за решавање на дел од проблемите од областа на градежништвото. Меѓутоа, неговата содржина, не е прилагодена на нашите прилики што придонесува тој евентуално да создава можности за злоупотреба во неговата практична примена.
Тргнувајки од досегашната пракса заснована врз своите законски надлежности, Државната комисија за спречување на корупцијата ги дава следниве конкретни предлози и сугестии:
- Треба да се преиспита првиот дел од ставот 2 на членот 1 на Предлог законот за изменување и дополнување на законот за градење, со кој повторно се доведува можноста за подигање на времени објекти со тоа што се пропишува “Времен објект е градба поставена на градежно земјиште заради привремено користење се до моментот на определувањето на конечниот статус на градежното земјиште утврдено со урбанистички план....“ Државната комисија смета дека таквата измена не треба да се направи бидејки со тоа се создава непотребен извор на можна корупција, особено имајки го предвид искуството од минатото.
Што се однесува до вториот дел од истиот став “....Времен објект е урбана опрема (продажба на билети за јавен превоз, телефонски говорници, продажба на весници, сувенири, цвеќиња, сладолед, автобуски постојки, летни тераси со или без настрешници, рекламни паноа, клупи, корпи за одпадоци) која се поставува на градежно изградено земјиште“, Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека стои потребата за законско уредување на оваа материја, но за таа цел непосредно може да се користи изразот “урбана опрема“ без при тоа да се користи изразот “времен објект“.
Од друга страна, за објектите за урбана опрема, Законот треба стиктно да наброи за кои и какви објекти се работи, со строга утврдена и транспарентна процедура за нивно подигање или поставување.
-Во однос на одредбите од предложениот закон во кои е регулирано прашањето на издавањето на лиценците на учесниците во градењето, односно истите да ги издава Министерството за транспорт и врски, Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека истите треба да се преиспитаат од аспект на потребата за намалување на дискреционите овластувања. Заради тоа, Државната комисија смета дека при регулирањето на ова прашање, Предлог законот треба да предвиди, лиценците да ги издава соодветно тело во Mинистерството за транспорт и врски.
-Во однос на одредбите кои го уредуваат прашањето за висината на надоместокот кои треба да го платат правните субјекти за добивање на различните лиценци, Државната комисија смета дека истата е многу варијабилна поради што е потребно таа да биде фиксно утврдена во зависност од видот на лиценцата.
|